На 4-ти декември, Зелена Градба Асоцијација со голема радост реализираше уште една едукативно-креативна еко-работилница со новогодишна тематика, овојпат во соработка со ООУ „Климент Охридски“ во село Облешево, Кочани. Работилницата беше дел од нашата иницијатива „Рециклирај, редуцирај и подари“, која има за цел преку игра, креативност и тимска работа да ги поттикне децата на размислување за одржливиот начин на живот и значењето на заштитата на животната средина.
Во празнична и топла атмосфера, исполнета со смеа, соработка и инспирација, учениците изработуваа новогодишни украси, честитки и мали подароци од рециклирани материјали. Преку овие активности, децата не само што се забавуваа, туку и научија како секој предмет што би можел да заврши како отпад, всушност може да добие нов живот и вредност.
Целта на оваа работилница беше да се пренесе пораката дека еколошката свест започнува од најмала возраст, и дека преку мали чекори – како креативна реупотреба на материјали и одговорно однесување – секој може да придонесе за почиста, поздрава и посреќна средина.
Посебна вредност на оваа работилница беше и самата соработка со наставниот кадар и учениците од руралната заедница, кои со отворени срца ја прифатија иницијативата. Заедно создадовме празнична магија која носи порака за иднината: одржливо, креативно и заеднички.
Голема благодарност до сите ученици, наставници и вработени во ООУ „Климент Охридски“ – село Облешево за прекрасната енергија, гостопримството и отвореноста кон еко-иницијативи! Соработките како оваа ни даваат сила и верба дека еко-свеста расте таму каде што се сади со љубов и посветеност.